- ЕИБ Глобално има намера да игра клучна улога во претставувањето на пакетот за енергетска поддршка на ЕУ за Западен Балкан
- Потпретседателката Павлова, исто така, ја истакна важноста на комбинираниот заем од ЕИБ и грантовите од ЕУ за нови регионални проекти во секторите за одржлив транспорт, животна средина, здравство и образование
- Банката на ЕУ има намера да распореди повеќе експерти на терен и да ја интензивира советодавната поддршка за примена на Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ
На самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржа во Тирана, потпретседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Лилјана Павлова, вети помош за краткотрајните потреби на регионот што произлегоа од руската војна во Украина од ЕИБ Глобално, посветената гранка на банката фокусирана на операциите надвор од ЕУ. Оваа поддршка ќе се материјализира преку нови проекти што ЕИБ Глобално планира да ги финансира во регионот за употреба на чиста енергија, проширување на електричните мрежи и инфраструктурата за складирање, како и поддршка на приватниот сектор за имплементација на енергетски ефикасни мерки. Таа потврди дека банката е целосно усогласена со пакетот за енергетска поддршка од 1 милијарда евра што го објави Европската комисија и има намера да одигра клучна улога во неговата имплементација.
„Среќни сме што гледаме дека пакетот содржи помош за поддршка на подобрувањето на политичката, законодавната и институционалната рамка за енергетскиот сектор. Подобрувањата во овие области ќе имаат позитивно влијание врз брзината со која ЕИБ Глобално и нашите локални партнери ќе можат да реализираат инвестиции во инфраструктурата или да обезбедат финансирање на приватниот сектор“, изјави потпретседателката Павлова.
Покрај поддршката на енергетското поле, банката на ЕУ ќе ја интензивира својата сеопфатна мешавина на заеми, комбинирањето на средствата и советодавните услуги и ќе распореди повеќе експерти на терен за поддршка на секторите за поврзување, зелена и дигитална транзиција, образование и здравствена заштита. Промовирањето на растот, дигитализацијата и декарбонизацијата на приватниот сектор исто така ќе биде во фокусот на банката. Во тој поглед, Европскиот инвестициски фонд (ЕИФ), подружница на групацијата ЕИБ, ја стартуваше Гаранцијата за отпорност на мали и средни претпријатија на Фондот за развој на претпријатијата и иновации за Западен Балкан (ЕДИФ), којашто е насочена да реагира на економската криза со зголемување на пристапот до финансии за околу 4000 мали и средни претпријатија во регионот. Потпретседателката, исто така, ги посочи грантовите на ЕУ неодамна одобрени од Инвестициската рамка за Западен Балкан. „Овие грантови, исто така, ни помагаат да продолжиме со важни проекти за поврзување во железницата во Северна Македонија и Србија, како и инвестиции во образовниот сектор во Црна Гора. Овде, во Албанија, во тек е подготвителна работа што ќе придонесе за трансформација на Тирана во зелен и одржлив град и со нетрпение очекуваме да работиме со владата, Европската комисија и нашите колеги во ЕБОР на важни железнички инвестиции“, заклучи потпретседателката Павлова.
Како што веќе беше најавено, ЕИБ Глобално работи и на развој на нови проекти за обновлива енергија - соларна централа во Косово* и ветерници во Босна и Херцеговина. Банката активно ќе му помага на приватниот сектор да финансира мерки за енергетска ефикасност и инвестиции за забрзување на зелената транзиција.
Основни информации
За ЕИБ Глобално:
ЕИБ Глобално е новиот специјализиран огранок на групацијата ЕИБ посветен на зголемување на влијанието на меѓународните партнерства и развојните финансии. ЕИБ Глобално е дизајниран да поттикне силно, фокусирано партнерство во Тим Европа, заедно со другите развојни финансиски институции и граѓанското општество. ЕИБ Глобално ја доближува групацијата до локалните луѓе, компаниите и институциите преку нашите канцеларии ширум светот.
За ЕИБ на Западниот Балкан
ЕИБ е водечки меѓународен финансиер на Западен Балкан. Од 2009 година, банката има финансирано проекти во вкупна вредност од преку 9,5 милијарди евра во регионот. Покрај продолжувањето на поддршката за реконструкција и надградба на јавната инфраструктура, од 2010 година, ЕИБ се прошири во многу нови области, како што се здравството, истражувањето и развојот, образованието и малите и средни претпријатија (МСП). За детални информации за активностите на ЕИБ во Западен Балкан, посетете ја следнава веб-страница: www.eib.org/publications/the-eib-in-the-western-balkans
* Оваа назнака нема да биде на штета на позициите за статусот и е во согласност со резолуцијата UNSCR 1244/1999 и Мислењето на Меѓународниот суд на правдата за прогласувањето независност на Косово