- Банката на ЕУ ги поздравува преземените обврски од страна на земјите од Западен Балкан за имплементација на Зелената агенда и развој на заеднички регионален пазар.
- ЕИБ изрази поддршка за Економскиот и инвестицискиот план најавен од страна на Европската комисија насочен кон поврзување и одржлива зелена и дигитална транзиција кон интегриран регионален пазар.
- Како дел од финансискиот пакет од 1,7 милијарди евра за регионот, усвоен во мај како одговор на пандемијата, ЕИБ веќе мобилизира над 1 милијарда евра за помош во справувањето со негативните последици од кризата со КОВИД-19.
Како што беше најавено на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, одржан на 10 ноември, Европската инвестициона банка (ЕИБ) ги поздравува обврските преземени од лидерите на земјите на Западен Балкан за поддршка на спроведувањето на Економскиот и инвестицискиот план на Европската комисија. Тој им дава приоритет на инвестициите во областите на поврзувањето и зелената и дигитално ориентираната транзиција на регионот кон инклузивните и одржливите економии и економиите што се базираат на знаење. Претседателот Хојер вети активна поддршка од ЕИБ за таквите инвестиции. Во согласност со акцентот на Планот за потребата од зајакнување на приватните инвестиции, ЕИБ и Европскиот инвестициски фонд (ЕИФ) ќе распоредат нови финансиски инструменти за поддршка на развојот на приватниот сектор во рамките на новиот Гарантен фонд за Западен Балкан.
Учесниците на самитот, вклучувајќи ја и ЕИБ, изјавија дека се подготвени да работат на Зелената агенда и заеднички регионален пазар. Како климатска банка на ЕУ, ЕИБ ќе обезбеди финансиска и техничка поддршка за инвестиции, коишто ќе овозможат зелена транзиција во регионот. Ова вклучува поддршка за постепено воведување на обновливо, разновидно и одржливо снабдување со енергија за Западен Балкан, со цел долгорочно да се создаде јаглеродно-неутрален регион. Овие иницијативи, исто така, ќе ги поддржат Зелениот договор на Европската комисија и активностите, Европа да стане прв климатски-неутрален континент до 2050 година.
Банката на ЕУ, исто така, ќе даде приоритет на инвестициите во дигиталната трансформација на Западен Балкан. Воведувањето паметни, дигитално-засновани технологии, ќе поттикне одржлив и инклузивен раст на економските и човечките ресурси во регионот. Се очекува инвестициите во дигитализацијата да овозможат побрзо закрепнување, да го подобрат растот на приватниот сектор и да ја подобрат ефикасноста на јавната администрација и нејзината способност да работи дури и при предизвиците каков што е КОВИД-19. Градењето подобри енергетски, дигитални и транспортни мрежи ќе го поддржи развојот на интегриран регионален заеднички пазар со поголеми трговски текови, зголемена конкурентност и нови можности за работа.
Вернер Хојер, претседателот на ЕИБ, изјави: „Олеснувањето на поголемите инвестиции во регионот е клучна цел на Берлинскиот процес и ние срдечно го поздравуваме Економскиот и инвестицискиот план наведен од комесарот Вархеји. ЕИБ со нетрпение очекува да ја интензивира нашата долгогодишна соработка со Комисијата, земјите-членки на ЕУ, блиските МФИ и партнерите од Западен Балкан за нејзино спроведување. Како климатска банка на ЕУ со амбициозни цели за унапредување на климатските активности, ние сме воодушевени што денес ја гледаме силната политичка определба од сите лидери на Западен Балкан за имплементација на Зелената агенда. ЕИБ е подготвена да ве поддржи технички и финансиски во оваа предизвикувачка, но витална задача. Иницијативата за Регионален заеднички пазар што ја најавивте е добар пример за тоа како регионот може да ја забрза својата реформска агенда за подобрување на економското опкружување. Таа иницијатива е создадена во вистинско време додека се движиме кон периодот на обновување по КОВИД. Овозможувањето на поголем проток на добра, услуги, капитал и висококвалификувана работна сила ќе го направи регионот попривлечен за инвестиции и трговија, а исто така ќе ја забрза конвергенцијата со ЕУ, што за возврат дополнително ќе ја зголеми довербата на инвеститорите“.
Оливер Вархеји Комесар за соседство и проширување на ЕУ, „Европската комисија тесно ќе соработува со меѓународните финансиски институции како ЕИБ на претворање на Економскиот и инвестицискиот план во конкретни проекти, почнувајќи од водечките приоритети. Планот е солидна основа врз која можеме да ја изградиме нашата заедничка цел да го направиме регионот на Западен Балкан постабилен, попросперитетен и да го забрзаме неговиот европски пат. Тој може да го смени економскиот пејзаж на регионот за 4 до 5 години“.
EIB President Werner Hoyer's speech
За ЕИБ на Западен Балкан
ЕИБ е еден од водечките меѓународни финансиери на Западен Балкан. Од 2008 година, Банката има финансирано проекти во вкупна вредност од 8,5 милијарди евра во регионот. Покрај продолжувањето на поддршката за реконструкција и надградба на јавната инфраструктура, од 2010 година, ЕИБ се прошири во многу нови области, како што се здравството, истражувањето и развојот, образованието и МСП. За детални информации за активностите на ЕИБ на Западен Балкан, посетете ја следнава веб-локација: www.eib.org/en/publications/the-eib-in-the-western-balkans