- Одборот едногласно најостро ја осудува бруталната и нелегална инвазија на Русија на Украина
- Финансиската поддршка е дел од Итниот одговор за солидарност со Украина на ЕИБ
- Дополнителната финансиска и техничка поддршка за Украина, соседните земји и земјите од ЕУ, ќе помогне во справувањето со штетите поврзани со војната и приливот на бегалци.
На вонредниот состанок свикан на 4 март за да се разговара за итната поддршка на ЕИБ за Украина, Одборот на директори на Европската инвестициска банка (ЕИБ) едногласно ги изрази својата згрозеност и осуда на бруталната, нелегална и неоправдана агресија на Русија врз Украина.
Одборот одобри итна финансиска поддршка од 668 милиони евра за Украина. Овој првичен пакет за поддршка за земјата разурната од војна ја ползува гаранцијата на ЕУ според Мандатот за надворешно позајмување и ги надополнува другите иницијативи објавени од институциите на ЕУ. Тој ќе им помогне на украинските власти да ги задоволат најитните финансиски потреби, вклучително и купувањето храна, медицински материјали и гориво за своите граѓани. Итната поддршка ќе биде достапна за неколку дена. ЕИБ ќе ги исплати достапните средства во рамките на двата заеми од ЕИБ кои првично беа доделени за поддршка на МСП и земјоделскиот сектор во Украина.
Покрај тоа, Одборот се согласи дека ЕИБ треба да продолжи со понатамошни иницијативи во рамките на итниот Пакет за солидарност за Украина. Тие вклучуваат:
1. Финансирање на потребите за критичната инфраструктура во Украина со пренамена на обврските за инфраструктурни проекти за да се задоволат итните потреби за инвестиции и реконструкција. Тоа ќе ги опфати транспортот, енергијата, урбаниот развој и дигиталните инвестиции. Овие пари можат да бидат достапни многу брзо, штом украинските власти ќе бидат во позиција да потпишат измени на постоечките договори;
2. Помагање да се обнови сѐ што ќе уништи руската армија преку финансирање на нова критична економска и социјална инфраструктура потребна штом слободна и независна Украина ќе биде повторно воспоставена по војната. За ова, ЕИБ ќе го искористи своето искуство со Програмата за рано закрепнување на Украина, која по руската агресија во 2014 година, ја поддржа реконструкцијата на 238 општински и социјални инфраструктурни проекти како училишта и градинки, болници и социјални станови.
Покрај тоа, експертите на ЕИБ во моментов ги проценуваат и потребите на земјите во соседството на Украина и во ЕУ кои ги пречекуваат бегалците од Украина или се погодени од војната на други начини. Банката на ЕУ работи со националните и локалните власти, националните промотивни институции и други договорни страни за да им овозможи итна финансиска и техничка помош на овие земји и региони. Финансирањето може да биде во форма на брзо реприоритизирање на постоечките, сè уште неисплатени заеми за региони и општини или одобрување нови операции поврзани со бегалците кои ЕИБ би можела да ги финансира до 100% наместо вообичаените максимални 50%.
Вернер Хојер, претседателот на Европска инвестициска банка, изјави: „Соочени со оваа шокантна воена агресија од страна на Русија, трогнат сум од решителноста, храброста и смелоста на украинскиот народ. Ние сме решени да направиме сѐ што можеме за да ја поддржиме Украина и конкретно да покажеме европска солидарност со земјата. Со клучна поддршка на Европската комисија, составивме значаен финансиски пакет како дел од севкупниот итен одговор на ЕУ. Денес, нашиот одбор се согласи да стави на располагање 668 милиони евра од многу потребната ликвидност за поддршка на украинските власти. Ова е првиот дел од нашиот итен Пакет за солидарност за Украина. Покрај тоа, банката бара начини да ја забрза испораката на дополнителни 1,3 милијарди евра инвестиции. Штом условите дозволат, ќе помогнеме во обновата на она што го уништи инвазијата во Украина. Ние, исто така, ќе се вклучиме за да им помогнеме на сите погодени земји, без разлика дали се во ЕУ или во нејзиното соседство, да се справат со пристигнувањето на бегалците од Украина и со економската штета предизвикана од оваа страшна војна.“
Валдис Домбровскис, извршен потпретседател на Европската комисија, изјави: „Овој добредојден и суштински пакет на ЕИБ е најновата демонстрација на непоколебливата солидарност на ЕУ со Украина, кога земјата се соочува со огромни потреби. Тој ќе обезбеди непосредна ликвидност на украинската влада додека се бори против нелегалната и брутална агресија на Русија. Комисијата на ЕУ ќе направи сѐ што е во нејзина моќ за обезбедување на максимална поддршка за Украина, работејќи со земјите-членки и другите институции и тела на ЕУ“.