>@EIB
  • Дигиталната инфраструктура, достапноста на квалификувани работници и иновативните средини играат клучна улога во поттикнувањето на дигитализацијата, но и понатаму постојат неусогласености низ Европската Унија
  • Европската Унија го намали јазот со Соединетите Американски Држави во прифаќањето напредни дигитални технологии (69 % во ЕУ наспроти 71 % во САД)

Кризата со КОВИД-19 предизвика пораст на напорите за дигитализација на фирмите во ЕУ. Според новиот извештај, Дигитализацијата во Европа 2022 г. – 2023 г.: докази од анкетата за инвестирање на ЕИБ, повеќе од половина (53 %) од фирмите на ЕУ презеле чекори за подобрување на своето дигитално присуство во 2022 г., како што е нудење услуги на интернет. ЕУ исто така го намали јазот со Соединетите Американски Држави во прифаќањето напредни дигитални технологии. Во 2022 г., 69 % од фирмите во ЕУ имплементирале напредни дигитални технологии, како што се напредна роботика, анализа на големи податоци и вештачка интелигенција, споредено со 71 % од фирмите во САД. Јазот постојано се намалува во последните четири години.

Иако фирмите од ЕУ направија значителен напредок, фирмите во САД севкупно постигнаа поголем напредок во дигитализацијата како одговор на пандемијата, првенствено поради помалото дигитално инвестирање од микро и малите фирми во Европската Унија. Само 30 % од микропретпријатијата во ЕУ ѝ дадоа приоритет на дигитализацијата споредено со 62 % од големите фирми.

„За да ја постигне дигиталната транзиција и да ги искористи нејзините долгорочни придобивки, ЕУ треба да направи повеќе од само прифаќање на технологијата и да ги земе предвид пошироките општествени импликации. Охрабрувањето на работниците да ги подобрат своите дигитални вештини ќе биде клучно за да се создаде средина погодна за иновации во Европската Унија, што за возврат ќе ги направи компаниите и регионите поконкурентни и поотпорни.“ – рече Дебора Револтела, директорка на Одделот за економија на ЕИБ.

„Дигиталната инфраструктура, вклучувајќи ги пристапот до брз интернет, достапноста на квалификувани работници и иновативните средини, играат клучна улога во поттикнувањето на дигитализацијата. Регионите со подобра дигитална инфраструктура се сведоци на повисоки приходи од дигитални инвестиции и поголемо присуство на дигитални фирми. Со сеопфатно прифаќање на дигиталната трансформација, Европската Унија може да создаде просперитетна и одржлива иднина.“ – вели Рикардо Мурињо, потпретседател на Европската инвестициска банка (ЕИБ).

За резиме од извештајот, кликнете тука. За да ги разгледате податоците од Анкетата за инвестирање на ЕИБ за секоја поединечна земја на ЕУ, кликнете тука.

И покрај напредокот, и понатаму постојат значителни неусогласености во дигиталната инфраструктура низ регионите на ЕУ, при што 14 % од фирмите сметаат дека ограничениот пристап до дигиталната инфраструктура е главна пречка за инвестирањето.

Освен тоа, напорите за дигитализација на фирмите во голема мера зависат од достапноста на работници со дигитални вештини. Регионите каде што работниците имаат натпросечни дигитални вештини имаат тенденција да имплементираат напредни дигитални технологии, а бизнисите во овие региони повеќе инвестираа во дигитализацијата за време на кризата со КОВИД-19. Затоа, од суштинско значење е регионите да ги подобрат системите за образование и обука за да постојано ги надградуваат вештините на работниците и да обезбедуваат можности за онлајн учење за премостување на дигиталниот јаз.

Средината во која работат фирмите, исто така, влијае на напорите за дигитализација. Веројатноста да инвестираат во дигитализација како одговор на пандемијата беше поголема кај фирмите во средини со висока дигитална иновативност.

Трговијата, исто така, игра витална улога во дигитализацијата, бидејќи фирмите што се занимаваат со меѓународна трговија почесто прифаќаат напредни дигитални технологии. Дигиталните фирми покажуваат поголема издржливост при нарушувања во трговијата и се справуваат со тие нарушувања со поголема проактивност. Дополнително, дигиталните технологии можат да помогнат во справувањето со предизвици на средината, како што се паметната урбана мобилност, прецизното земјоделство и одржливите синџири на снабдување, придонесувајќи за намалување на емисиите и олеснување на транзицијата кон позелена економија.

Дигитално напредните фирми се исто така понаклонети да инвестираат во мерки против климатските промени: 57 % од овие фирми веќе инвестирале во такви мерки, споредено со 43 % од недигиталните фирми. Овие наоди го нагласуваат потенцијалот на дигитализацијата за поддршка на промената кон поодржлива економија.

Анкетата за инвестиции и финансии на Групацијата ЕИБ (АИЕИБ) е единствена, годишна анкета на околу 12.800 фирми. Опфаќа фирми од сите земји-членки на ЕУ, како и примерок на фирми од САД, којшто служи како репер. Собира податоци за карактеристиките и изведбата на фирмите, минатите инвестициски активности и идните планови, изворите на финансии, финансиските проблеми и други предизвици.