Железничката врска до границата со Бугарија ја зајакнува економијата на Северна Македонија и ја одржува на вистинскиот пат за пристапување во ЕУ

Уште од деветнаесеттиот век, планерите на железницата сонуваат за рута од северна Германија низ централна Европа до бугарското крајбрежје на Црното Море. Но, на сонот одамна му недостасуваше една алка. Сега, Северна Македонија ја затвора оваа празнина.

Земјата има за цел да ја заврши врската од Куманово до бугарската граница во должина од 89 километри до крајот на оваа деценија. Новата линија е поддржана со палета на финансирања од ЕУ.

„Европската Унија ја поддржува Северна Македонија во развојот на функционален и модерен железнички систем, кој ќе обезбеди подобра поврзаност, квалитет на живот и зголемени можности за економски развој на граѓаните“, рече Дејвид Гир, шеф на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

„Интегрирањето на железничките врски во транспортната мрежа на Северна Македонија е еден од приоритетите на Европската Унија, затоа што ќе обезбеди ефикасно движење, погодно за климата, за луѓето и товарот низ европскиот континент“.



Развивање на функционална и модерна железница

Изградбата на првата делница од 31 километар меѓу градовите Куманово и Бељаковце започна во 2022 година, а потоа и новата железничка врска од Бељаковце до Крива Паланка. Во декември 2023 година, Европската Унија го објави финансискиот пакет за финалната фаза на источната делница на железничкиот Коридор VIII од Крива Паланка до Деве Баир на бугарската граница. Ова ќе опфати електрификација на делницата од Куманово до границата во должина од 88 километри.

„Средствата што Владата на Северна Македонија ги обезбеди од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој – како и грантот од Европската Унија – се несомнено клучни за завршување на овој проект“, рече Фатмир Бесими, министер за финансии.

„Неговото спроведување ќе создаде подобри услови за работа за компаниите, ќе овозможи полесен транспорт на стоки и патници и ќе го поттикне развојот“, додаде тој.

Големо финансирање на железницата за врската во Северна Македонија

За оваа клучна железничка рута, обезбедени се 560 милиони евра под покровителство на Тимот Европа. Средствата подразбираат заем од 175 милиони евра од ЕИБ глобално и уште еден заем со еднаква големина од Европската банка за обнова и развој. Овие заеми ќе бидат надополнети со грант од 150 милиони евра од ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и грант од дури 60 милиони евра од Инструментот за претпристапна помош. Проектот е дел од Глобалната порта, стратегијата на Европската Унија која има за цел да го намали глобалниот инвестициски јаз за виталната инфраструктура.

Проектот ќе продолжи да има корист од техничката поддршка на Европската Унија и Европската инвестициска банка, која вклучува помош преку програмата JASPERS за да се осигури дека подготовката, тендерот и извршувањето се во согласност со стандардите на ЕУ. Техничката помош исто така го зголемува и капацитетот на локалниот тим за имплементација на проектот.

„Со обезбедувањето на 365 милиони евра, ние сме горди што дејствуваме како водечка финансиска институција за овој проект што го вклучува досега најголемиот грант од ЕУ за Северна Македонија според Инвестициската рамка за Западен Балкан“, рече Киријакос Какурис, потпретседател на Европската инвестициска банка одговорен за регионот. „Тоа е добар пример за разновидноста на финансиската и техничката поддршка што ја обезбедува Банката“.

Повисока ефикасност и квалитет на услугата во железничкиот сектор

Подобрувањето на капацитетот за имплементација – како и новите линии – ќе ги постави темелите на модерен железнички систем во Северна Македонија кој ја поттикнува соработката и отворената конкуренција во регионалните транспортни мрежи и ЕУ. Неодамнешното усвојување на измените на Законот за железнички систем во земјата ќе придонесе кон овие напори со поголема ефикасност, квалитет на услугата и конкуренција во железничкиот сектор. За возврат, тоа води до повеќе инвестиции.

Новата врска ќе превезува околу 500.000 тони товар и половина милион патници годишно, со што ќе се подобри поврзаноста на регионите долж пругата и значително ќе се намалат трошоците за товарен транспорт.

„По завршувањето, ефикасно ќе го олесни меѓународното движење на стоки и луѓе“, рече Јирген Ригтеринк, прв потпретседател на Европската банка за обнова и развој, „намалувајќи го растојанието со железница до Црното Море и Турција за околу 200 километри“.

Нов правец за земјата со 150-годишна железничка традиција

Зголемената употреба на железниците е важен чекор кон одржливоста на климата, бидејќи тие сочинуваат помалку од 1 % од емисиите на гасови поврзани со транспортот. (Погледнете ги деловите 3.2.12 и 3.2.14 од Статистичката џебна книга на Европската Унија за транспорт). Транспортот обично е рангиран како втор или трет најголем придонесувач за загадувањето на воздухот во градовите од Западен Балкан, кои се меѓу најзагадените во Европа. Новите, модерни железници, ќе промовираат премин од пат кон железница и ќе придонесат за еколошки поодржлив транспортен систем. Ова е во согласност со Зелената агенда на ЕУ и Стратегијата за одржлива и паметна мобилност, кои имаат за цел да ги намалат емисиите од транспортот за 90 % до 2050 година.

За земја која ја отвори својата прва железница во 1873 година меѓу Солун и Скопје и која сега има 700 километри пруги, Северна Македонија го гледа овој сектор како приоритет во постигнувањето на нејзините цели за климата и поврзувањето. Тоа е исто така и важен чекор на нејзиниот пат кон пристапувањето во ЕУ.