Проектите во Северна Македонија и Саун Томе донесоа чиста вода за пиење на стотици илјадници луѓе
Божин Спасов живее во селото Лески во источниот дел на Северна Македонија речиси седум децении. Како учител во основно училиште, една лекција што секогаш ја предавал била да се внимава кога се пие локалната вода и да се сфати дека таа нема секогаш да биде достапна.
„Живееме во толку топла клима што немаме стабилно водоснабдување.“ – вели Спасов. „Особено летно време, бевме без вода за пиење речиси секој ден.“
Старите и лошо монтирани водоводни цевки предизвикуваа недостиг на вода и го влошуваа квалитетот на водата за пиење во селото во текот на целата година. Водата честопати беше контаминирана со органски супстанции, што ја правеа опасна за пиење.
За да обезбеди добра вода за Лески, локалната власт одлучи да се поврзе на водоводниот систем на Виница, поголем град во близина, преку мрежа од 3,5 километри. Истовремено, беа монтирани модерна станица за филтрирање за прочистување на водата за пиење и пумпна станица во Виница. Во февруари 2023 г., Европската инвестициона банка ѝ одобри заем од 50 милиони евра на Северна Македонија за поддршка на проектот и за подобрување на многу други проблеми со водата во земјата.
„Сега имаме вода и во лето и во зима.“ – вели Спасов. „Нема човек во Лески што не е задоволен.“
- Прочитајте повеќе за иновативни климатски решенија за вода за справување со недостаток и поплавување во претстојните децении
Криза за вода
Северна Македонија е само еден пример од десетиците огромни инвестиции за вода од Европската инвестициона банка. Водата претставува сѐ поголем проблем во светот, од недостатокот на вода за пиење и сушите што му штетат на земјоделството, па сѐ до поплавите и силните невремиња што уништуваат домови и патишта. Европската инвестициона банка е еден од најголемите заемодавци за вода во светот, со инвестирани речиси 79 милијарди евра во над 1.600 проекти во изминатите 60 години.
Генералното собрание на Обединетите нации во 2010 година изјави дека безбедната и чиста вода за пиење и комуналните услуги се основни човекови права. Но, околу две милијарди луѓе во светот имаат лоша вода за пиење денес. Речиси половина од светската популација немаше редовно водоснабдување во 2022 година. Растот на популацијата и брзиот развој на глобалната економија, комбинирани со климатските промени, уште повеќе ќе го влошат проблемот во следните неколку децении.
Пристапот до безбедна и достапна вода за пиење и модерни комунални услуги има огромни придобивки за општествата и економиите. Земјите во области како Потсахарска Африка се мачат да го подобрат водоснабдувањето, бидејќи се соочуваат и со други важни проблеми, како што се сиромаштијата, конфликтите и миграцијата. Одделот за економски и социјални работи при ОН пријави огромна празнина во финансирањето проекти за вода и комунални услуги.
„Инвестициите во водостопанството се клучни за развојот.“ – изјави Хуан Бофил, виш инженер за вода при ЕИБ. „Се обидуваме да ја покриеме празнината во финансирање и пазарните неуспеси на секторот со поддржување проекти за адаптација и олеснување насекаде во светот. Склучување партнерство со локалните чинители и другите институции е клучно за максимално зголемување на влијанието.“
- Прочитајте повеќе за тоа како треба да се фокусираме на долготрајните придобивки од инвестирањето во овој природен ресурс наместо на брзите поправки во однос на кризата за вода
Подобро снабдување со вода за пиење за Северна Македонија
Во Северна Македонија, заемот ќе им помогне на другите градови и помали места што имаат слични проблеми како Лески. Наречен „рамковен заем“, тој може да финансира низа проекти.
„Секоја општина има различни проблеми и инфраструктура за вода, не постои едно решение што ќе им одговара на сите.“ – изјави Алесандро де Кончини, виш член на персоналот во заемодавниот тим при Европската инвестициона банка. „Рамковните заеми нудат флексибилност, овозможувајќи ни да финансираме релативно мали проекти во целата земја.“
Поддржан со гаранција од програмата на Европската Унија, наречена Европски фонд за одржлив развој, овој рамковен заем ќе ги поддржи изградбата и реновирањето на водоснабдувањето, канализацијата и инфраструктурата за заштита од поплави во 80 градови или мали места низ цела Северна Македонија. Европската инвестициона банка исто така даде грант од 1,2 милиони евра за техничка помош.
„Се проценува дека подобрената покриеност, квалитетот и ефикасноста на секторот за вода ќе донесе придобивки за околу 700.000 луѓе и ќе ја засили отпорноста на климатски промени за 40 % од популацијата на земјата.“ – изјави Лилјана Јанчаускиене, виш инженер за вода во Одделот за безбедност и издржливост на водата при Европската инвестициона банка.
Им помагаме на семејствата да имаат подобар живот во Саун Томе
Лоциран блиску до екваторот, Саун Томе има многу врнежи и начини за снабдување со вода. Но само мал дел од популацијата има лесен пристап до безбедна вода за пиење. Лошото водоснабдување и недостатокот на соодветно прочистување на водите влијае врз квалитетот на животот и економијата во дел од светот којшто исто така е погоден од екстремна сиромаштија.
За подобрување на водата, локалната комунална компанија, Empresa de Água e Eletricidade, разви 20-годишен план за подобрување и проширување на начините за снабдување во регионот на Саун Томе. Ова ќе значи подобра дистрибуција на вода, поголеми водени резервоари и прочистителни станици за вода, како и подобрен пристап до безбедна вода.
Европската инвестициона банка го поддржа планот со заем од 8,44 милиони евра потпишан во декември 2022 година. Договорот вклучува грант од 5,56 милиони евра за технички совет. Овој проект е дел од програмата Глобална порта на ЕУ, којашто се стреми да мобилизира 300 милијарди евра во глобални инвестиции од 2021 г. до 2027 г. Глобалната порта особено ќе им помогне на земјите во развој, во областите како што се нови мрежи за електрична енергија, нови пристаништа и пруги, помодерни телекомуникации, инфраструктура и дигитализација.
Повеќе од 25.000 луѓе ќе добијат подобар пристап до вода кога ќе се заврши проектот во Саун Томе. Домаќинствата ќе бидат поврзани со водоводната мрежа, а жените и девојчињата веќе нема да мора да пешачат долго за да наполнат безбедна вода. Почистата вода и прочистувањето на водата исто така ќе го намалат ширењето на маларијата, колерата и тифусот. Подобрата дистрибуција на водата ќе ја подобри и отпорноста на островот кон климатските промени.
„Саун Томе не е сиромашна земја кога станува збор за водата.“ – вели Емануел Чапониере, вишиот инженер од секторот за вода при Европската инвестициона банка, кој работеше на проектов. „Има доволно врнежи во текот на годината за да се наполнат изворите и реките. Но, со климатските промени, дождовите сега се поинтензивни, со подолги периоди на суша помеѓу нив. Па така, ако немате соодветна инфраструктура за складирање и транспорт на водата, може да се најдете во загрижувачка ситуација.“