>@EIB
  • ЕИБ најави зголемување на финансиската и техничката поддршка за проекти за климатска адаптација и енергетска ефикасност во согласност со Економскиот и инвестициски план.
  • Банката на ЕУ обезбеди 156 милиони евра од 2020 година за одржливо закрепнување на земјата.
  • До денес, Групацијата ЕИБ инвестираше 1,1 милијарда евра во економскиот и социјалниот развој на Северна Македонија.

За време на посетата на Европската инвестициска банка (ЕИБ) на Скопје, потпретседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, ја потврди посветеноста на банката на ЕУ за забрзување на декарбонизацијата и зелената транзиција на Северна Македонија преку поддршка на клучните проекти наведени во Економскиот и инвестициски план. Билатералните средби со премиерот Димитар Ковачевски, министерот за финансии, Фатмир Бесими и неколку други министри, градоначалникот на Скопје и претседателот на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, помогнаа да се идентификуваат нови можности за проширување на соработката во рамките на новата филијала ЕИБ Глобално, чија цел е зголемување на поддршката за земјите надвор од Европската Унија. ЕИБ ја истакна поддршката за развојот на модерната железничка инфраструктура, енергетската мрежа и инфраструктурата за вода и отпадни води за да ѝ помогне на земјата да се приспособи на климатските промени и да ја заштити животната средина. Понатаму, банката има намера да развие нови инструменти за гаранција и споделување ризик за приватниот сектор во соработка со Европската комисија.

Од почетокот на пандемијата со КОВИД-19, ЕИБ има обезбедено 156 милиони евра за Северна Македонија за да им овозможи на малите и средни претпријатија побрзо да закрепнат и да ја олесни изградбата на нова гасна мрежа која е од суштинско значење за стабилно и безбедно снабдување со енергија. Гледајќи напред, банката на ЕУ исто така ќе им помогне на своите партнери во Северна Македонија да ги зголемат капацитетите за подготовка и имплементација на проекти, што ќе помогне да се реализираат инвестиции со големо влијание за доброто на земјата и нејзиниот народ.

Лилјана Павлова, потпретседателката на ЕИБ, која е одговорна за операциите во Северна Македонија, изјави:Со нетрпение очекуваме да ја забрзаме зелената, инклузивна и одржлива транзиција на Северна Македонија, преку засилена соработка со нашите локални партнери. ЕИБ планира да ги доближи своите финансиски и технички ресурси уште поблиску до Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан благодарение на нашата нова специјално наменета филијала - ЕИБ Глобално. Под овој нов бренд, би сакала повторно да ја потврдам целосната поддршка на ЕИБ за Северна Македонија во постигнувањето на нивните цели и реформи во согласност со политиките на ЕУ и стратегијата за проширување на Европската комисија. Како силен и посветен партнер за Северна Македонија, ќе работиме активно на имплементацијата на проекти според Економскиот и инвестициски план на Европската Унија и пошироко. Покрај нашата поддршка за инфраструктурни проекти, посветени сме на поддршка на дигиталната и зелената транзиција на приватниот сектор“.

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се заблагодари на ЕИБ за континуираната поддршка што ѝ ја дава на неговата земја во процесот на пристапување кон Европската Унија и изрази уверување дека успешната соработка ќе продолжи и во иднина. Двете страни се согласија дека реализацијата на проектот за изградба на гасен интерконектор меѓу Северна Македонија и Грција е од големо значење за диверзификацијата на енергетските ресурси и безбедноста на снабдувањето, придонесувајќи за социоекономскиот раст и интеграцијата во регионалниот енергетски пазар и Европската Унија.

Со финансиската поддршка на ЕИБ и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), ќе се заокружи изградба на железничкиот Коридор 8 од Крива Паланка до границата со Бугарија. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, изрази благодарност до ЕИБ за поддршката за добивање инвестициски грант за реализација на овој проект преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

На средбата со потпретседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, Министерот за финансии, Фатмир Бесими, изјави: „Имплементацијата на овој проект е еден од приоритетите на владата, имајќи предвид дека изградбата на третата делница од железничкиот Коридор 8 е едно од клучните прашања поставени во последните разговори со Бугарија и е стратешки проект на кој македонско-бугарската транспортна групација моментално активно работи. Освен тоа, владата планира и да ја заврши изградбата на западниот дел од железничката делница на Коридорот 8, особено делот Кичево-граница со Албанија. Владата наскоро ќе испрати апликација до меѓународните финансиски институции, вклучително и ЕИБ за да изрази интерес за финансирање на овој проект“.

Како лојален и долгогодишен партнер на Северна Македонија, од почетокот на нашето работење во земјата, ЕИБ инвестираше 1,1 милијарди евра поддржувајќи го развојот на виталната инфраструктура и малите и средни претпријатија (МСП).

Основни информации

За ЕИБ во Северна Македонија:

ЕИБ е активна на територијата на Северна Македонија од основањето во 1991 година, обезбедувајќи финансии за поддршка на клучните инфраструктурни проекти, локалните власти, како и малите и средни претпријатија (МСП). ЕИБ обезбеди 1,1 милијарди евра за финансирање на МСП и проекти за транспорт, енергетика и комунална инфраструктура.

За ЕИБ на Балканот:

ЕИБ е еден од водечките меѓународни финансиери на Западен Балкан.

За климатските активности на ЕИБ:

Европската инвестициона банка е активна во околу 160 земји и е најголемиот мултилатерален заемодавател на светот за проекти со климатски активности. Групацијата ЕИБ неодамна го усвои својот Патоказ на климатската банка за да ја испорача својата амбициозна агенда за поддршка на 1 билион евра инвестиции во климатските активности и одржливоста на животната средина во деценијата до 2030 година и да обезбеди повеќе од 50 % од финансиите на ЕИБ за климатските активности и одржливоста на животната средина до 2025 година. Исто така, како дел од Патоказот, сите нови активности на Групацијата ЕИБ ќе бидат усогласени со целите и принципите на Парискиот договор, од почетокот на 2021 година.