- Договорот ја покажува посветеноста на ЕИБ Глобално во рамките на Тим Европа да го зголеми пристапот до финансии за македонските МСП и да го поддржи нивниот одржлив раст
- Средствата ќе бидат наменети за решавање на потребите за ликвидност и инвестиции, со посебен фокус на зелените проекти
- Од 2019 г., ЕИБ Глобално обезбеди 212 милиони евра за малите бизниси во земјава, придонесувајќи за задржување на повеќе од 46.000 работни места и создавање 1.815 нови позиции
Во соработка со Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ) и локалните комерцијални банки, ЕИБ Глобално, огранокот на Европската инвестициска банка за активности надвор од Европската Унија, ќе обезбеди 100 милиони евра за поттикнување на развојот и зелената транзиција на малите и средни претпријатија (МСП) и претпријатијата со среден пазарен капитал во земјата. Средствата ќе ги решат потребите за ликвидност и инвестиции на локалните бизниси и ќе финансираат проекти за енергија и зелена транзиција. На овој начин, новото финансирање ќе го поддржи климатски отпорниот раст со ниска емисија на јаглерод во Северна Македонија, во согласност со Економскиот и инвестицискиот план и Зелената агенда за Западен Балкан на Европската Унија.
Заменик-претседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, одговорна за операциите во Северна Македонија, рече: „Тековните енергетски и економски кризи дополнително ги влошуваат финансиите на локалните компании, коишто и онака се веќе ограничени во поглед на кредитите. Подобрениот пристап до финансии за МСП и стабилноста на банкарскиот сектор се приоритети за економскиот раст, отворањето работни места и конкурентноста. Имајќи го ова предвид, нашата кредитна линија ги поддржува и климатските цели на земјата и растот на МСП. И двете се клучни за да се обезбеди одржлив економски развој и просперитет во поширокиот регион.“
Средствата се дел од групата мерки усвоени од Владата на Северна Македонија во 2022 г. за поддршка на домаќинствата и бизнисите во услови на економско забавување и енергетската криза. Во следните месеци ќе биде потпишана дополнителна техничка помош за поддршка на РБСМ, локалните комерцијални банки и македонските компании во нивните зелени финансиски амбиции.
Министерот за финансии Фатмир Бесими оцени дека ова е поддршка што има континуитет и која доаѓа во вистински момент за да се поддржат компаниите во време на предизвици од енергетската криза, како и подддршка за планот за енергетска транзиција на земјата.
„Ова се нови 100 милиони евра свеж капитал кој ќе бидат вбризгани во домашната економија и ќе дадат поддршка за ликвидноста на компаниите и инвестиции во обновливи извори на енергија, кои ќе им обезбедат стабилност во работењето и стабилност и снабдување со електрична енергија од сопствени извори. Тоа е процес кој успешно го спроведуваме заедно со Европската инвестициска банка, Развојната банка и комерцијалните банки во земјава“, рече министерот Бесими.
Ова е седми договор за соработка помеѓу РБСМ и ЕИБ. Со претходните шест договори за соработка беа доделени 550 милиони евра за поддршка на 2.362 локални компании. Ова е прва заедничка кредитна линија на банките со компонента за климатска акција и еколошка одржливост, чија цел е поддршка на зелената трансформација на локалната економија.
Главниот извршен директор на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов, изјави: „Благодарение на активната улога и постојаната поддршка на Европската инвестициска банка, успеавме да продолжиме со реализација на позитивното влијание на финансиските ресурси на ЕУ врз економскиот раст, создавањето нови работни места, зелената и дигиталната транзиција во земјата. Со седмиот договорот за соработка со ЕИБ, РБСМ ќе продолжи да ги поддржува малите и средните претпријатија и да ја зајакнува својата улога во поддршката на зеленото финансирање.“
Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, истакна: „Оваа кредитна линија ќе ги поддржи инвестициите на приватниот сектор во енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и кружната економија. Таа ќе обезбеди можности за економски развој на Северна Македонија, притоа придонесувајќи за одржлива иднина со нето нула јаглерод. Поконкретно, оваа зелена кредитна линија, промовирана од ЕУ и ЕИБ заедно, ќе им помогне на македонските мали и средни компании да станат поконкурентни и иновативни во контекст на денешната брза зелена транзиција. “
ЕИБ Глобално има инвестирано 212 милиони евра во приватниот сектор во земјата од 2019 г. Банката сака да мобилизира дополнителни инвестиции за развој на приватниот сектор во Северна Македонија во рамките на Европскиот фонд за одржлив развој плус (EFSD+) и најновите гарантни капацитети на ЕУ коишто поттикнуваат зелени инвестиции, иновации и дигитална транзиција во регионот.
Основни информации
За ЕИБ и ЕИБ Глобално
ЕИБ е институција за долгорочно финансирање на Европската Унија, во сопственост на нејзините земји членки. Таа овозможува долгорочно финансирање за здрави инвестиции со цел да се придонесе кон целите на политиките на ЕУ. ЕИБ поддржува проекти во четири приоритетни области: инфраструктура, иновации, клима и животна средина, како и мали и средни претпријатија (МСП). ЕИБ Глобално е специјализиран огранок на Групацијата ЕИБ посветен на зголемување на влијанието на меѓународните партнерства и развојните финансии и клучен партнер на Глобална порта. Нашата цел е да поддржиме инвестиции во вредност од 100 милијарди евра до крајот на 2027 година, што е околу една третина од целокупната цел на оваа иницијатива на ЕУ. Во рамките на Тим Европа, ЕИБ Глобално негува силни, фокусирани партнерства заедно со другите развојни финансиски институции и граѓанското општество. ЕИБ Глобално ја доближува Групацијата ЕИБ до локалните луѓе, компаниите и институциите преку нашите канцеларии ширум светот.
За Развојната банка на Северна Македонија
Развојната банка на Северна Македонија е единствената развојна банка во Република Северна Македонија којашто е основана и работи според посебен Закон за Развојната банка на Северна Македонија. Примарната цел на РБСМ е да го поддржи и поттикне развојот на националната економија во согласност со стратешките политики, цели и приоритети на земјата. Мисијата на РБСМ е да ја подобри домашната конкурентност, да го поддржи извозот и економскиот раст и развој преку промоција и понуда на поволни финансиски производи за микро, мали и средни претпријатија.
За ЕИБ во Северна Македонија
ЕИБ е активна на територијата на Северна Македонија од основањето во 1991 година, обезбедувајќи финансии за поддршка на клучните инфраструктурни проекти, локалните власти, како и МСП. ЕИБ обезбеди 1,2 милијарда евра за финансирање на МСП и проекти за транспорт, енергетика и комунална инфраструктура. За повеќе информации во врска со проектите на ЕИБ во Северна Македонија, одете на Северна Македонија и ЕИБ.
За ЕИБ во Западен Балкан
ЕИБ е еден од водечките меѓународни финансиери во Западен Балкан. За детални информации за активностите на ЕИБ во овој регион, одете на www.eib.org/en/publications/the-eib-in-the-western-balkans.