>@EIB
  • Средствата ќе го олеснат финансирањето на зелените проекти во согласност со Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан
  • Техничката помош ќе го поддржи спроведувањето на новата зелена кредитна линија за мали и средни претпријатија, доверена на Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ) во јули оваа година
  • До денес, РБСМ и ЕИБ Глобално заеднички доделија 550 милиони евра за поддршка на над 2.300 локални компании  

ЕИБ Глобално, филијалата на Европската инвестициска банка за активности надвор од Европската Унија, ќе обезбеди грант за техничка помош од 1 милион евра на својот долгогодишен партнер – Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ). Овие средства ќе го олеснат спроведувањето на финансирањето за одржливост на климата и животната средина во рамките на кредитната линија од 100 милиони евра што ЕИБ ја потпиша во јули оваа година. Преку поддршка на банкарскиот сектор во земјата да изгради зелени финансиски капацитети, а малите и средни претпријатија (МСП) да идентификуваат и развиваат зелени проекти, оваа техничка поддршка ќе придонесе кон растот на приватниот сектор, конкурентноста и зелената транзиција на локалната економија.

Преку оваа техничка помош, комерцијалните банки и малите и средните претпријатија ќе добијат обуки и советодавна поддршка за промовирање и развивање на профитабилни проекти во области како што се енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија.

Заменик-претседателката на ЕИБ Лилјана Павлова, која е одговорна за операциите во Северна Македонија, рече: „Зголемувањето на пристапот до прифатлив капитал ќе им овозможи на малите и средните претпријатија да ги прошират своите бизниси дури и во време на криза. Заедно со владата и РБСМ имаме за цел создавање нови можности за инвестиции и вработување, истовремено забрзувајќи ја зелената транзиција и декарбонизацијата на локалните бизниси. Грантот што го потпишавме денеска ќе ги поддржи нашите партнери и корисници да развијат зелени финансиски капацитети и зелени проекти, со што ќе придонесат кон климатската отпорност во Северна Македонија – што е од клучно значење за економскиот раст и стабилност.“

Министерот за финансии Фатмир Бесими изрази благодарност за досегашната успешна соработка со Европската инвестициска банка, со која беа исплатени шест кредитни линии во вкупна вредност од 550 милиони евра, со што се обезбеди поддршка за над 2.000 мали и средни претпријатија.

„Со цел да се надминат предизвиците од глобалната енергетска и економска криза која директно влијаеше врз работењето на малите и средните претпријатија, Владата на Република Северна Македонија донесе мерки за стимулирање на работењето на малите и средните претпријатија преку воведување модалитети за поттикнување на процесот на производство, обезбедување ликвидност на компаниите, зачувување на работните места, како и одржување на конкурентската позиција на компаниите.  Поради тоа, со оглед на стекнатото искуство и успешната соработка со ЕИБ, а со цел целосно задоволување на потребите на малите и средни претпријатија погодени од кризата, обезбедена е нова седма кредитна линија на ЕИБ во износ од 100 милиони евра.  Како резултат на мултиплицираниот ефект, на компаниите ќе им бидат ставени на располагање 200 милиони евра, под поволни услови, сѐ со цел да се зачува нивната ликвидност и да се направат нови, особено зелени инвестиции“, рече министерот Бесими.

Грантот доаѓа како резултат на плодната соработка помеѓу РБСМ и ЕИБ Глобално, што овозможи до денес да се доделат 550 милиони евра за поддршка на над 2.300 локални компании. Преку овој модел на партнерство, само од 2019 година, ЕИБ Глобално обезбеди 212 милиони евра инвестиции од ЕУ за македонските компании, одржувајќи 46.000 работни места и создавајќи 1.815 нови позиции.

Главниот извршен директор на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов рече: „Оваа дополнителна соработка помеѓу ЕИБ и РБСМ доаѓа како продолжение на нашиот најнов финансиски договор потпишан во јули оваа година, обезбедувајќи ѝ на нашата локална економија новоодобрена финансиска поддршка од 100 милиони евра, средства наменети за зајакнување на транзицијата кон зелената енергија во согласност со Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан. Развојната банка продолжува да игра активна улога во финансирањето на одговорни одржливи зелени проекти и со овој најнов договор за грант од 1 милион евра цврсто влегуваме во олеснувањето на обуките и советодавната поддршка на нашите локални мали и средни претпријатија за да останат на патот на Зелената агенда на ЕУ. Во нашиот заеднички фокус остануваат обновливите извори на енергија, економскиот раст и општествената одговорност во корпоративното кредитирање“.

Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, истакна, „Зелената кредитна линија на ЕИБ е уште еден пример за тоа како - како Тим Европа - Европската унија продолжува да ги поддржува малите и средни компании преку развој на инвестиции во зелена, ниско-јаглеродна економија во Северна Македонија. Благодарение на грант во форма на техничка помош, ќе се зајакнат капацитетите на Развојната банка, како и на локалните комерцијални банки за промовирање зелени инвестиции. Со тоа Европската Унија, преку ЕИБ, не само што помага да се унапреди зелената транзиција во земјата, туку ќе ја зголеми и конкурентноста на локалните компании.

Банката сака да мобилизира понатамошни инвестиции за приватниот сектор како дел од најновите гарантни фондови на ЕУ доделени во рамките на Инструментот за соседство, развој и меѓународна соработка – Глобална Европа (NDICI – Global Europe) за да ги поттикне зелените инвестиции, иновациите и дигиталната транзиција во регионот.

Основни информации

За ЕИБ и ЕИБ Глобално

ЕИБ е институција за долгорочно финансирање на Европската Унија, во сопственост на нејзините земји членки. Таа овозможува долгорочно финансирање за здрави инвестиции со цел да се придонесе кон целите на политиките на ЕУ. ЕИБ поддржува проекти во четири приоритетни области: инфраструктура, иновации, клима и животна средина, како и мали и средни претпријатија (МСП). ЕИБ Глобално е специјализиран огранок на Групацијата ЕИБ посветен на зголемување на влијанието на меѓународните партнерства и развојните финансии и клучен партнер на Глобална порта. Нашата цел е да поддржиме инвестиции во вредност од 100 милијарди евра до крајот на 2027 година, што е околу една третина од целокупната цел на оваа иницијатива на ЕУ. Во рамките на Тим Европа, ЕИБ Глобално негува силни, фокусирани партнерства заедно со другите развојни финансиски институции и граѓанското општество. ЕИБ Глобално ја доближува Групацијата ЕИБ до локалните луѓе, компаниите и институциите преку нашите канцеларии ширум светот.

За Развојната банка на Северна Македонија

Развојната банка на Северна Македонија е единствената развојна банка во Република Северна Македонија којашто е основана и работи според посебен закон. Примарната цел на РБСМ е да го поддржи и поттикне развојот на националната економија во согласност со стратешките политики, цели и приоритети на земјата. Мисијата на РБСМ е да ја подобри домашната конкурентност и да го поддржи извозот и економскиот раст и развој преку промоција и понуда на поволни финансиски производи за микро, мали и средни претпријатија.

За ЕИБ во Северна Македонија

ЕИБ е активна на територијата на Северна Македонија од основањето во 1991 година, обезбедувајќи финансии за поддршка на клучните инфраструктурни проекти, локалните власти, како и МСП. ЕИБ обезбеди 1,3 милијарди евра за финансирање на МСП и проекти за транспорт, енергетика и комунална инфраструктура. Таа ја става на располагање својата техничка и финансиска експертиза на своите локални партнери преку приспособени совети и техничка помош. За повеќе информации во врска со проектите на ЕИБ во Северна Македонија, одете на Северна Македонија и ЕИБ.

За ЕИБ во Западен Балкан

ЕИБ е еден од водечките меѓународни финансиери во Западен Балкан.